Борусија Дортмунд тргна во голем стил со фудбалските обврски во време на корона-вирусот со убедлив триумф од 4-0 во дербито против Шалке. Милионерите на тој начин ги обновија намерите за шампионската трка во Бундеслигата, во која што Баерн Минхен е во пол позиција да ја одбрани титулата.
По вчерашниот меч на „Вестфален“, тренерот Лусиен Фавр посочи дека е задоволен од големата победа, но ќе му треба време да се навикне без присуството на навивачите.
„Клуч за победата беше колективниот пристап, особено на дефанизвен план. Секако дека сум задоволен од настапот на тимот, но не можам да проценам дали натпреварот беше добар. Не може да се долови моментот без реакција од трибините. Даваш гол или правиш врвно додавање и како ништо да не се случило. Многу, многу чудна ситуација, ни недостасуваат навивачите“, истакна Фавр.
За Дортмунд ова беше 16-ти триумф сезонава по кој стасаа до 54 бода, еден помалку од лидерот Баерн кој денес гостува во Берлин кај екипата на Унион.