На „Максимир“ немаше македонски дуел, ама има изненадување

Риека приреди голема сензација со победа од 2:0 на „Максимир“ против Динамо Загреб во заостанатиот меч од шестото коло во ХНЛ.

Се очекуваше сигурен триумф на лидерот во хрватското првенство, но капитенот Аријан Адеми и соиграчите потфрлија, а клучен момент за неочекуваниот пораз е промашениот пенал на Бруно Петковиќ во 53. минута при резултат 0:0.

Во составот на Риека не беа сениорскиот репрезентативец на Македонија Дарко Велковски и младинскиот Милан Ристовски, но гостите и без нив забележаа многу вредна победа.

Адеми го одигра целиот меч за Динамо, кој го претрпе и вториот пораз во првенството на Хрватска. Популарните Модри се уште се лидери со 33 бода од 15 меча, колку што има и Осиек од 16 натпревари.

Риека го освои 23-от бод, но има одиграно само 12 натпревари, па ако победи на мечевите што треба да ги доигра може да се пробие и до второто место.

 

- Оглас -

Најнови вести