На младата тенисерка ѝ порача „да престане да јаде како крава“, а таа му врати на генијален начин

Аманда Анисимова направи голем скок и сега е на 49-тото место на ВТА-листата, и тоа благодарение на одличниот настап на турнирот во Торонто, каде што изненадувачки стигна до финалето. Посебно значајна за Аманда беше победата во четвртфиналето, кога со 6:4, 6:2 ја победи треторангираната на свет, Арина Сабаленка. Потоа во полуфиналето, Анисмова, која е Американка со руско потекло, ја победи и Еме Наваро (15-та на ВТА-листата), но во финалето, по голема борба загуби од Џесика Пегула со 6:3, 2:6, 6:1.

Анисимова верува дека ќе може да ја врати формата од 2019 година, кога играше во полуфинале на Ролан Гарос и беше на 21-вото место на ВТА-листата. Таа дури најави дека во следниот период нејзина цел е да освои гранслем-турнир и да стигне до првото место на ВТА-листата.

„Се надевам дека со правилни тренинзи и грижа за своето здравје ќе успеам да стигнам до целта да бидам број 1“, рече 22-годишната Анисимова.

На оваа изјава на тенисерката се „закачи“ еден анонимен корисник на социјалните мрежи, каде што реши да ја навреди Аманда.

„Прво, престани да јадеш како крава. Зошто? Сакаш да бидеш број 1 во светот и да освоиш гранслем-турнир. Прекумерната телесна тежина како професионален спортист не помага во остварување на вашите цели“, стои во коментарот на анонимниот корисник.

Анисимова имаше одговор на навредите кои беа упатени на нејзина адреса. „Зарем немаш попаметна работа од тоа да го коментираш телото на една 22-годишна девојка? Имаш ли работа, пријатели? Проклетство. Верувајте ми, никој не ве прашува вас за совети и коментари“, напиша тенисерката на платформата „Х“.

Младата Американка на стартот во првото коло утре ја чека дуел против искусната Викторија Азаренка.

- Оглас -

Најнови вести