На полувреме е нерешено, битолчани негодуваа при пеналот за Вардар

Пелистер – Вардар 1-1 по првото полувреме на фудбалското дерби од Првата македонска лига.

Како што беше најавено нема навивање, ги нема ни гостинските фанови, но публиката гласно негодуваше во неколку ситуации за кои мислеа дека нивниот тим е оштетен.

Особено пелистерци се бунеа кога судијата Фуркан Идризи досуди пенал за Вардар. Талевски падна непосредно пред голот и за судијата тоа беше најстрога казна, а според домашните Талевски само се лизнал и не бил фаулиран.

Дербито се игра на дождливо време, теренот е лизгав, па и на судиите не им е лесно веднаш да донесат одлуки во некои спорни моменти.

Пелистер поведе во 10-та минута преку Вилдан Керим кој беше заборавен во 16-никот, и ја искористи шансата која му се укажа. Горан Закариќ во 20-та минута беше реализатор на пеналот за Вардар и израмни на 1-1. Битолчани имаа шанса повторно да поведат, Мирко Ивановски во 29-та минута ја погоди пречката, а во финишот на првиот дел страстите се смирија.

Во првото полувреме беа покажани шест жолти картони, четири за домашните, два за гостите, и сето ова е најава за возбудливи втори 45 минути во Битола.

- Оглас -

Најнови вести