На Швајцарија не ѝ требаше контролата со Катар

Синоќешната победа на Катар од 1-0 на гостувањето кај Швајцарија е едно од најголемите изненадувања во историјата на фудбалот, доколку се гледа рангирањето на ФИФА-листата. Катарците се 96-ти на листата, а Швајцарците осми.

Швајцарија веројатно сакаше да си ја чува силата за важното соочување со Белгија од Лигата на нациите, па несериозно го сфати пријателскиот меч со наредниот домаќин на СП. Но, со голот што го даде Афиф во 86-тата минута, Швајцарија е голем губитник.

Швајцарците дома немаа загубено од 2016, имаа 10 победи и едно реми во последните 11 меча и сега, по киксот, загубија 7,93 поени од рангирањето на ФИФА, што е најмногу за една селекција по контролен меч откако постои овој систем на бодување.

Во историјата на фудбалот, гостинска победа со најголема разлика на рангирањето има остварено Грузија во 2016 година, кога славеше кај Шпанија. Тогаш Грузија беше 137-ма на ФИФА-листата, а Шпанија беше шеста. Разликата меѓу Катар и Швајцарија е 88 места, и тоа е четврто најголемо изненадување.

- Оглас -

Најнови вести