Лил без многу проблеми славеше на гостувањето во Љубљана против Олимпија во меч од петото коло на Конференциската лига на УЕФА. Дуелот беше под знак прашалник дали ќе се игра и тоа поради обилните врнежи од дожд, но на крајот средбата се одигра а гостите победија со 2:0.
Пред почетокот на средбата, домаќинот на секаков начин се обидуваше да го „исуши“ теренот на стадионот „Стожице“, кој буквално пливаше под вода. Во еден момент, луѓето кои се задолжени за одржување на теренот, зедоа пешкири и крпи кои ги распослаа по теренот на деловите каде што имаше најмногу вода. Со пешкирите и крпите тие се обидоа да упијат што е можно повеќе вода од тој дел каде што беше најпоплавено.
Оваа идеја на Словенците наиде на потсмев и чудење на социјалните мрежи затоа што досега не е виден ваков начин на оспособување на теренот и сушење од вода.