На Солскјер му гори под нозе, но не е загрижен

Манчестер јунајтед не може да се пофали со добар старт на сезоната, иако избраниците на Оле Гунар Солскјер имаа блескави моменти, како победите над ПСЖ и Лајпциг во Лигата на шампионите.

Дамка на тие резултати е синоќешниот пораз во Истанбул против Башакшехир, како и претходно од Арсенал во дербито од последното коло кое се одигра изминатиот викенд во Премиер лигата.

Поради тоа, обложувалниците на Островот го направија Солскјер „фаворит“ за прв отказ во англиското првенство. Неговото работно место е позагрозено од она на Славен Билиќ во ВБА и Скот Паркер во Фулам.

Сепак, Норвежанецот не е загрижен дека може да добие отказ.

„Не сакам да одговарам на прашања околу мојата работна позиција. Иако јавноста веќе ги истакна своите ставови околу тоа дали треба да ме сменат, јас не се грижам. Клубот ме вработи да ја вршам работата најдобро што можам заедно со мојот стручен штаб и секако дека управата е таа којашто одлучува дали сум доволно добар да бидам тука, а не мислењето на некои експерти и аналитичари“, истакна Солскјер по поразот од Башакшехир.

Црвените ѓаволи се наоѓаат пред нов тежок предизвик, во претстојниот викенд гостуваат на „Гудисон парк“, каде што ќе ги одмерат силите против Евертон, кој пак падна во формата иако имаше одличен старт.

- Оглас -

Најнови вести