„Валенсија игра најубав фудбал во нашата група и ако им дозволиме да ја имаат топката во посед ќе биде екстремно тешко да им се спротивставиме“, вели Џибрил Соу, играчот од средниот ред на Јанг Бојс.
Швајцарскиот првак се надева на сефте бод(ови) во исклучително тешката Х група во Лигата на шампионите, во конкуренција на Јувентус, Манчестер јунајтед и Валенсија.
Денеска од 18,55 часот на „Стад де Свис“ гостин ќе им биде Валенсија, екипа која има забележителен пад на формата и нема победа на последните три натпревари. Популарните „лилјаци“ нанижаа три нерешени, но реми во Берн не им одговара, ако сакаат да останат во трка за една од двете позиции кои водат во нокаут фазата.
Јанг Бојс има ефикасен напад и постигнуваше барем еден гол на последните 21 од 22 натпревари.
„Ништо не е променето од лани, кога не прогласија за хит во шпанското првенство. Ја имаме истата игра, горе-доле и истите играчи се во составот, но тешко ги реализираме шансите. Мораме да даваме голови за да победуваме“, вели Кондогбија.
Јанг Бојс има два порази и нема простор за да калкулира, а истото е и со Валенсија. Шпанскиот тим загуби од Јувентус дома, а потоа освои важен бод на „Олд Трафорд“ против Манчестер јунајтед и вечерва мора да атакува на трите бодови.