Фудбалскиот клуб Вардар пред дербито со Шкендија кое се игра в недела со почеток во 13 часот ја извести јавноста за неколку важни информации поврзани со публиката, билетите и безбедноста на натпреварот.
„Ги известуваме сите љубители на фудбалот кои поседуваат сезонски билети за РК Вардар дека може да присуствуваат на натпреварот без никаков надомест. Билет за мечот чини 100 денари и ќе се продава на билетарницата на Арената пред мечот. При секое купување билет, ќе мора да биде покажан документ за лична идентификација (лична карта, пасош). Важи правилото една лична карта – еден билет. Со оглед дека натпреварот е прогласен за меч од висок ризик, нема да биде дозволен влез за гостински симпатизери“, објавија од Вардар.
ФК Вардар апелира на фер и коректно навивање од трибините, без извици на национализам и расизам. Клубот побара да не се носат тврди предмети затоа што на влезот ќе бидат одземени и посака со навивачите да ја прослави одличната есен како што му доликува на најтрофејниот клуб во Македонија.
Ако Вардар ја победи Шкендија, ќе се одлепи на 11 бодови предност, што ќе биде голема позитива пред почетокот на пролетната полусезона.