Во НБА-лигата ноќеска се одиграа пет меча, а во центарот на вниманието беа Никола Јокиќ и Леброн Џејмс. Ѕвездите на Денвер и на Лос Анџелес лејкерс запишаа нови трипл-дабл учиноци и ги предводеа своите екипи кон нови победи.
Денвер ја декласира Филаделфија со 144:109, а Јокиќ за 30 минути поминати на теренот запиша 27 поени, 13 скокови и 10 асистенции. За Јокиќ ова беше 19-ти трипл-дабл сезонава, а четврти по ред. Тоа што е посебно неверојатно е дека сите четири последни трипл-дабл учиноци ги направи пред да започне последната четвртина. Едноставно, Јокиќ е незадржлив за противниците.
Убедлива победа славеше и Лос Анџелес лејкерс, и тоа со 111:88 против Вашингтон. Леброн стигна до 121-виот трипл дабл во кариерата откако мечот го заврши со 21 поени, 13 скока и 10 асистенции. Одличен во редовите на Лејкерс беше и Ентони Дејвис со 29 поени и 16 скока.
Во останатите мечеви во НБА: Њујорк го победи Бруклин со 99:95, Портланд беше подобар од Мајами со 116:107, а Торонто го надигра Орландо со 109:93.