Надал има 1.000 победи, а само тројца тенисери во историјата се пред него

Рафаел Надал синоќа се намачи, но успеа да го победи сонародникот Фелицијано Лопес во меч од АТП-турнирот во Париз. Повеќе од два и пол часа траеше битката по која Надал победи со 4:6, 7:6, 6:4 и си обезбеди денеска меч против Џордан Томпсон од Австралија, против кого никогаш нема играно.

Триумфот над Лопес за Надал беше посебен затоа што тоа беше негова јубилејна 1.000 победа во кариерата. Шпанецот е само четвртиот тенисер во историјата на Отворената тениска ера што стигнува во четирицифрен број на победи.

„Стигнувајќи до 1.000 победи, значи дека веќе сум стар. Тоа значи дека долго време играм и тоа играм на високо ниво, затоа што за да се достигне оваа бројка потребни се многу години работа. Среќен сум што стигнав до оваа бројка на победи“, рече Надал, кој првата победа ја забележа во 2002 година на турнирот во Мајорка против Рамон Далгадо.

Следна цел на Шпанецот ќе биде да успее да влезе во Топ 3 на оваа листа. Тенисер со најмногу победи во историјата е Џими Конорс со 1.274 победи остварени во периодот од 1970 до 1995 година. Потоа следува сè уште активниот Роџер Федерер со 1.242 победи, додека на третото место е Иван Лендл со 1.068 триумфи остварени во периодот од 1978 до 1994 година.

 

- Оглас -

Најнови вести