Надал ја шокира водителката, трипати го праша дали навистина мисли дека Новак е најдобар тенисер во историјата (Видео)

Рафаел Надал гостувајќи во емисијата „Објетиво“ на телевизијата Ла Секста, ја шокира водителката велејќи дека Новак Ѓоковиќ е најдобриот тенисер во историјата.

„Фрустрацијата на Новак трае само во моментот кога ќе го искрши рекетот. Потоа е подготвен да се натпреварува на 100 отсто и затоа е човекот кој постигна најмногу во историјата на нашиот спорт. Со сите грешки кои ги прави и со постапките во кои ги нагласува своите грешки, покажува дека навистина е добра личност. Кога гледам дека некој е толку успешен, не можам да му се лутам“, беа зборовите кои ја изненадија водителката.

„Дали е најдобриот во историјата?“, го праша водителката.
„Бројките така кажуваат“, одговори Надал по што следуваше уште едно прашање.
„Дали и за тебе е најдобар во историјата?
„Да, и за мене, тоа што го видов“, повторно одговори Надал.
Потоа водителката имаше и трето прашање на оваа тема.
„Вклучувајќи те и тебе и Роџер Федерер?“.
„Да, немам никакви проблеми, никогаш не сум имал его да кажувам работи кои не сум ги чувствувал. Можеме да зборуваме дека сум бил повреден и дека сум пропуштил доста гранслем-турнири, а тој не. Новак имаше подобро тело од мене“, одговори Надал.

 

 

- Оглас -

Најнови вести