Рафаел Надал е поразен од австралискиот тенисер Џордан Томпсон во четвртфиналето на турнирот во Бризбејн.
Шпанецот кој по пауза од речиси една година се врати на терените, загуби во три сета со 7:5,6:7,3:6 во меч кој можеше лесно и тој да го добие.
Во првиот сет, Томпсон прв направи брејк и поведе со 3:2, но Надал експресно одговори со ри-брејк, а потоа во 12-тиот гем уште еднаш го одзеде сервисот на противникот и поведе со 1:0 во сетови.
Во вториот сет немаше брејкови, но поените беа маратонски. За првите шест гема (3:3) тенисерите потрошија дури 41 минута, но не дозволија кикс на свој сервис и така продолжија се до тај-брејкот, во кој Надал можеше да ја заврши работата.
Шпанецот поведе со 3:0, а имаше и две меч-топки откако поведе со 6:4, но не ги реализира и Томпсон и успеа да направи пресврт и да израмни на 1:1 во сетови.
Маратонскиот меч како да го измори Надал, па Томпсон во четвртиот гем направи брејк за 3:1 и предноста ја зачува до крајот за триумф од 6:3 во сетови и пласман во полуфиналето.
Томпсон во полуфиналето ќе игра против Григор Димитров, кој во два сета го победи Хиџиката, а во другото полуфинале ќе играат првиот носител Холгер Руне и Роман Сафиулин.