Нагелсман ја охрабри Бенфика: Баерн не калкулира, ќе одиме на победа против Барселона со најсилен состав

Јулијан Нагелсман ја охрабри Бенфика со изјава дека Баерн Минхен нема да калкулира утре против Барселона, во резултатски неважен меч за Германците, но чиј исход може да одлучи кој од двата поранешни европски прваци, Бенфика, или Барселона ќе се пласира во нокаут фазата.

„Ќе играме со најсилниот состав што ни е на располагање. Поздрав до Лисабон и не се грижите“, изјави Нагелсман.

Баерн е убедливо прв во Е групата со максимални 15 бода пред стартот на последното коло.

Барселона му гостува на германскиот првак, утре од 21 часот и моментно е на второто место со 7 бода, пред Бенфика со пет и последен меч во групата, против Динамо Киев на својот „Луж“ утре, исто така од 21 часот.

На Барселона и одговара само победа, ако Бенфика го надигра отпишаниот Динамо Киев, бидејќи Каталонците имаат послаб меѓусебен скор со Португалците и во случај на ист број на бодови, Бенфика ќе игра во осминафиналето.

Проблем за Баерн ќе биде отсуството на неколку важни играчи. Кимих, Гнабри, Горецка, Сабицер и Чупо Мотинг нема да играат утре, а Лукас Ернандес исто така има проблеми со повреда, но ќе биде на клупата за резерви.

Барса ќе биде без Фати, Педри, Агуеро, Роберто и Брајтвајт, но нема избор и само победа во Минхен гарантира настап во нокаут фазата во ЛШ.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести