Нагелсман за отказот од Баерн дознал од медиумите додека бил на скијање

Покрај натпреварите од квалификациите за ЕП 2024 година, во текот на вчерашниот ден главна фудбалска вест беше отказот на тренерот на Баерн Минхен, Јулијан Нагелсман, кој додека бил на одмор, дознал за прекинот на соработката со Баварците.

Весникот „Билд“, кој прв ја објави веста за отказот, кој денеска и официјално треба да биде потврден од германскиот шампион, денеска оди чекор подалеку и објави дека младиот тренер не ни помислувал дека челниците на Баерн ќе ја прекинат соработката со него, како и дека бил шокиран кога ја слушнал информацијата.

Тој бил на скијање во Австрија, а одлуката Баерн да го смени ја дознал од медиумите.
Јулијан Нагелсман во 2021 година седна на клупата на Баерн Минхен како наследник на Ханси Флик, кој стана селектор на Германија и минатата сезона триумфира во Бундеслигата, а оваа веќе обезбеди пласман во четвртфиналето во ЛШ откако во осминафиналната пресметка го елиминира ПСЖ.

Медиумите шпекулираат дека Нагелсман отказот го добил поради немањето напредок во играта во Бунделигата и недоволниот развој на играчите, а управата трпението го загубила по поразот од Баер Леверкузен (2:1) во Бундеслигата, по кој Баерн првото место ѝ го препушти на Борусија Дортмунд. Интересно е што ова е првпат Баерн да не биде лидер на табелата во Бундеслигата по 25 одиграни кола.

Негов наследник на клупата на Баерн Минхен ќе биде Томас Тухел, кој ќе потпише две и пол годишен договор со германскиот шампион и првиот тренинг ќе го одработи во понеделник.

- Оглас -

Најнови вести