Најава за хаос е потегот на раководството на шпанскиот второлигаш Фуенлабрада, а настрада голманот Биел Рибас, бидејќи одби да биде дел од клубот, по јуни, во продолжение на сезоната, ако таа воопшто и продолжи.
Фуенлабрада му предложи на стандардниот чувар на мрежата да му ги исплати сите плати однапред до јуни, кога му истекува договорот, а за возврат Рибас да прифати да брани кога сезоната ќе продолжи и по истекот на неговиот договор. Тоа би значело дека Рибас ќе требаше да биде на голот на Фуенлабрада, на пример, и во јули и август, ако има таква опција за да се заврши сезоната во популарната Сегунда, што за него беше неприфатливо.
Вакви случаи ќе има доста, со играчи чии договори завршуваат во јуни годинава, па и тоа ќе биде проблем ако има завршеток на сезоната во лигите и ако се доигра во летните месеци.
Каков ќе биде статусот на тие играчи, е нејасно во моменти кога се мирува, а дел од клубовите би се соочиле со сериозен проблем.
Ако сите постапат како Рибас, тогаш клубовите ќе имаат мака бидејќи ќе мора да ја завршат сезоната без дел од своите фудбалери.
УЕФА најави дека сите национални федерации треба да направат напор сезоната и домашните првенства да завршат до крајот на јуни, но тоа ќе биде тешко изводливо. Португалците, на пример, објавија дека може да се игра и во август, а можно е и дел од другите лиги да завршат во доцниот летен период и без своите играчи на кои договорите им истекуваат во јуни.