Најдолга врска во фудбалот: Старата дама денес одбележува 100-годишнина од „бракот“ со семејството Ањели

На 24-ти јули 1923 година, фудбалскиот клуб Јувентус за претседател го наименува Едоардо Ањели, синот на основачот на компанијата ФИАТ, Џовани Ањели, и од тој ден до денеска, а поминаа точно 100 години, со Јуве раководи семејството Ањели. Таква симбиоза помеѓу успешно семејство и клуб, не постои во ниту еден друг клуб во светот на спортот.

Пред 100 години, Јуве имаше само една титула за 26 години постоење. Клубот после титулата во 1905 година едвај преживеа, никако не можеше да се стабилизира, проблем им беше и Првата светска војна, но Ањели се нафати на предизвикот. Само три години подоцна, Јуве дојде до второто Скудето, а еден и пол месец пред трагичното загинување на Едоардо во 1935 година, Јуве веќе дојде до седмата титула, петта по ред.

Трагедијата не ја прекина врската на Јуве со Ањели. Синот на Едоардо, Џовани „Џани“ Ањели, познат како „Адвокатот“, го презеде клубот во 1947 година и прекина 15-годишна резултатска криза.

Во 1949 година, Јуве стана друштво со ограничена одговорност, со мнозински пакет акции во сопственост на семејството Ањели. Џани се повлече во 1954 година, и не негово место дојде брат му Умберто кој се задржа до 1962.

Претседателите на Јуве не беа секогаш од семејството Ањели. После овој Умберто, прв Ањели беше контроверзниот Андреа поради кој на Јувентус му беа одземани бодови минатата сезона. Од 1971 до 1990, претседател на Старата дама беше Џампјеро Бониперти кој е резултатски и најуспешниот.

Иако Џани Ањели официјално не беше на чело на клубот после 1954 година, до неговата смрт во 2003 година, тој остана владетел од сенка и човек кој ги влечеше конците.

Неговиот дух и денеска лебди над Јуве. Клубот чека некој нов Ањели кој ќе ги извлече од дупката во која ги турна овој сегашниот Андреа со соработниците меѓу кои и Павел Недвед.

- Оглас -

Најнови вести