Долго траеше сагата со Огњен Врањеш, најнеомилениот репрезентативец кај навивачите на Босна и Херцеговина, и по голем притисок од популарните Фанатикос, тој одлучи да се повлече.
„По долго размислување, одлучив повеќе да не играм за БиХ. Му благодарам на Душко Бајевиќ и на сите поранешни селектори на репрезентацијата, но мојата одлука е конечна и повеќе нема да играм за националниот тим. Им посакувам многу среќа на моите соиграчи во баражот и се надевам дека ќе се пласираат на Евроспкото првенство во 2020 година“, објави Врањеш на својот профил на „Инстаграм“.
Фанатикос, кои се најорганизираната група навивачи на босанската репрезентација, не го сакаат Врањеш, кој е Србин по националност и пред неговата одлука да се повлече, правеа притисок да не биде повикан во репрезентацијата за дуелот со Северна Ирска на 26 март во плејофот од Лигата на нациите.
Врањеш има премногу проблематични моменти во фудбалската кариера, која и не е толку лоша. Со маица на Делии го славеше успехот на Шериф Тираспол во квалификациите за ЛШ во 2010 година против Динамо Загреб.
Потоа беше на цел на најголемата организирана група навивачи на босанската репрезентација, популарните Фанатикос поради тетоважата со границите на Република Српска, па си направи уште една тетоважа со познат четнички војвода.
Лани беше во центарот на големиот скандал со наводната љубовна афера со Јелена Карлеуша, која беше сопруга на фудбалскиот репрезентативец на Србија, Душко Тошиќ.
Поради уште еден скандал беше казнет од Андерлехт и префрлен да тренира со младинскиот погон на познатиот белгиски клуб, а потоа и вратен на позајмица во неговиот поранешен клуб АЕК од Атина, чиј член е и сега.