Крилниот центар на МЗТ Скопје Аеродром и македонски репрезентативец, Андреј Маслинко, периодов е еден од најдобрите наши кошаркари, тоа го потврди на завршницата од Купот на Македонија и на последните два меча на националниот тим.
Со зголемена самодоверба и минутажа во клубот и репрезентацијата, Маслинко го покажува она што го знае, а дека има талент и квалитет, познато е од поодамна, тој уште како јуниор беше „пикиран“, се калеше и во Италија.
Во Македонија немаме многу играчи од негов тип и затоа ваквите високи, подвижни момци со добар шут треба да ги чуваме и да ги негуваме.
КВАЛИТЕТОТ И СОЗРЕВАЊЕТО СЕ ВИДЛИВИ, А УШТЕ ИМА ПРОСТОР ЗА НАПРЕДОК
„Статистички би можело да се каже дека оваа ми е најуспешната сезона во кариерата, иако би издвоил дека последниве две и пол години доста созреав и тоа покажува резултат на терен“, смета 27-годишниот Маслинко, кој против Естонија и Полска одигра по 28 минути и имаше 15,односно 22 поени, и по седум скокови на овие два меча. На понеделничкиот меч со Полска беше непогрешлив од поле, ги погоди сите осум шутеви за два поена.
„Ние како спортисти постојано целиме на подобро и сметам дека секогаш треба да се цели кон напредок, а за мене лично би издвоил дека би сакал подобрување на физичката сила и константноста во шутот“, вели Маслинко.
За жал, Андреј и останатите момци од неговата генерација и помладите немаат играно на Европското првенство, Македонија веќе цела деценија е надвор од Евробаскетите, а наредната шанса е 2029 година.
„Со оглед на тоа што по промената на генерацијата сè уште немаме настап на големо натпреварување, сметам дека треба да се обрати поголемо внимание на правилен развој на помладата генерација како на репрезентативен, така и на клупски план. Тоа е патот ако сакаме пак да бидеме учесници на големо натпреварување“, ни изјави Маслинко.
БИ САКАЛ ДА ИГРА ВО ПОСИЛНА ЛИГА, НО УЖИВА ВО МОМЕНТОВ ВО МЗТ
Андреј е член на првата петорка на најдобриот клуб во моментов во Македонија, МЗТ Скопје. Тој има важна улога во тимот и се оддолжува со одлични игри, како на трите меча од завршницата на Купот на Македонија, кога заслужено беше прогласен за најкорисен играч на турнирот.
„Уживам и растам професионално во ситуацијата во којашто сум, носејќи го дресот на МЗТ. Мојата желба од секогаш била и ќе остане да се пробам во некоја лига надвор од Македонија, но сега сум фокусиран само на МЗТ“, вели Маслинко, кој како јуниор беше во три италијански клубови, од кои најдолго се задржа во второлигашот Стела Аѕура, а во кариерата ги носел дресовите и на Работнички, ТФТ, Гостивар и Пелистер. Претходно настапувал и за У-16 тимот на Партизан Водно санс.
ОД ФУДБАЛОТ НАЈМНОГУ ЈА СЛЕДИ ПРЕМИЕР ЛИГАТА
Обврските не му дозволуваат премногу да следи фудбал, но игра Фантази Премиер лига и затоа најмногу ги следи случувањата во англиското првенство.
„Да бидам искрен, фудбал не пратам многу. Последниве години со екипата играме FantasyPremierLeague, па заради тоа следам резултати од Премиер лигата. Омилен фудбалски клуб немам, но ако треба да издвојам, би ја спомнал Барселона“, заклучува 208 сантиметри високиот кошаркар, кој се надеваме дека ќе продолжи со одлични игри, а и дека ќе се покаже како добар прогнозер, па ако хуманитарниот тикет биде добитен, парите ќе завршат на вистинско место.