Неверојатен меч одиграа Чарлтон и Ипсвич во средбата од 17-тото коло во Лига еден, која е трето натпреварување по ранг во Англија. Дуелот заврши нерешено, а двата тима постигнаа по четири погодоци.
До 45-тата минута немаше голови и речиси никој не можеше да претпостави дека до крајот на дуелот ќе има дури осум погодоци. Први погодија гостите, и тоа во 45+3 минута за предност од 1:0 по првиот дел.
Во второто полувреме гостите поведоа и со 2:0, а потоа имаше два гола на Чарлтон за 2:2, резултат кој беше актуелен до 90-тата минута. Започна да се игра судиското продолжение, а тогаш почна и неверојатното шоу. Во 90+1 минута и 90+4 минута гостите двапати погодија за 4:2, но тоа не значеше победа за нив. Чарлтон намали на 3:4 во 90+6 минута, а се играше 90+9 минута кога домаќините уште еднаш ја погодија мрежата на противникот и стигнаа до 4:4.