Манчестер јунајтед првпат сезонава славеше на гостински терен, и тоа во Белград против Партизан, минимално со 1:0. Англискиот гигант играше без неколку стандардни играчи, ги немаше Јанг, Де Хеа, Погба, Рашфорд, играчи кои ја носат капитенската лента во Манчестер.
Во таква ситуација, честа да биде капитен ја доби Хари Мегваер. Најскапиот дефанзивец во светот не знае како е да се биде капитен, а вечерва „падна на испитот“. Пред почетокот на мечот, кога двајцата капитени треба да се поздрават и да си разменат знаменце, но и да одлучат за тоа кој ќе го има почетниот удар, Мегваер го немаше никаде.
Судиите заедно со капитенот на Партизан, Владимир Стојковиќ, чекаа на средината од игралиштето, а Мегваер трчаше да застане во одбраната. Судијата мораше да реагира и да го повика капитенот на Манчестер да дојде и да се изврши стандардниот протокол пред да започне средбата.