Најтопло е на „Енфилд Роуд“, Барнли замрзна на минус 20

Лидерот во Премиерлигата, Ливерпул има најголем напредок во досегашниот дел од сезоната споредено со истата етапа од ланското првенство и освои цели 16 бодови повеќе.

Црвените од „Енфилд Роуд“ се на првото место моментно со 51 бод по 19 одиграни натпревари, а лани во истиот период имаа само 35. Се наѕира прекин на постот од 29 години без титула за Ливерпул, а надежите не се без поткрепа. Напротив избраниците на Јирген Клоп играат извонредно, имаат шест бода предност пред Тотенхем и 7 повеќе од шампионот Манчестер сити, а патем се и единствената непоразена екипа во Премиерлигата.

Последен пат титулата стаса во колекцијата на Ливерпул во сезоната 1989/90.

Од екипите од големата шесторка во Англија најголем минус во однос на досегашниот дел од сезоната, споредено со лани имаат двете екипи од  Манчестер. Шампионот Сити има 11 бодови помалку, а Јунајтед е во минус од 10 бода.

Вистински колапс доживеа Барнли, екипа која по повеќе од половина век се избори за настап во европските купови со одличните игри лани. Но, сега во зоната за испаѓање со само 12 бодови, дури 20 помалку од истиот дел од сезоната лани.

Покрај Ливерпул со плус 16 и Тотенхем со 11 бодови повеќе од лани, впечатлив напредок имаат и Вест Хем и Борнмут со десет бодови повеќе.

- Оглас -

Најнови вести