Натпреварите од грчкото првенство кои требаше да се играат следниов викенд, се одложени. Причина за неиграњето повторно се хулиганите. Судијата Танасис Цилoс бил нападнат, и тоа непосредно пред својата куќа. Тој се здобил со повреди на главата и ногата.
По нападот, Судиската организација излезе со соопштение дека ќе ги бојкотираат мечевите за претстојниот викенд и фудбал нема да има во Грција.
„Мора да му дадеме поддршка на нашиот колега. Затоа нема да бидеме активни во следниот период. Згрозени сме од кукавичкиот напад. Таквите напади константно се повторуваат. Нема да дозволиме да бидеме цел на хулиганите“, стои во соопштението на Грчката судиска организација.
Засега не се знае датумот кога ќе се одиграат одложените мечеви.