Новата сезона во младинските фудбалски категории имаше неславен почетокот. На мечот од Супер лигата за помлади пионери, односно за фудбалери родени 2010 година и помлади, помеѓу екипите на Брегалница и Шкупи, се случил тежок инцидент.
Родители на фудбалерите на Шкупи влетале во терен и физички ги нападнале младите фудбалери на штипска Брегалница. Според информациите, двајца фудбалери се хоспитализирани со тешки телесни повреди. Едното дете има скржена нога, додека другото има видни повреди на главата.
Веднаш со реакција се јавија од Фудбалската федерација на Македонија, од каде најавија наостри санкции за инволвираните.
„Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) најостро го осудува инцидентот што се случи на натпреварот од младинските категории (генерации 2009/10) помеѓу екипите на Брегалница и Шкупи, кога група родители на гостинските фудбалери влегоа на теренот и физички нападнаа дел од домашните играчи.
Ваквото однесување е целосно неприфатливо и претставува грубо нарушување на спортскиот дух, фер играта и безбедноста на младите фудбалери.
Особено загрижува што едно од децата претрпе сериозни повреди, скршеници, како последица од нападот.
ФФМ најавува дека надлежните органи ќе поведат дисциплинска постапка и ќе преземат соодветни мерки за сторителите на инцидентот.
Ќе биде покрената дисциплинска постапка против ФК Шкупи и одговорните лица, со цел вакво недолично и опасно однесување никогаш повеќе да не се повтори.
Федерацијата уште еднаш потсетува дека секој чин на насилство на спортските терени е недозволив и строго ќе биде санкциониран.
Со насилство, од било кого и на било кое ниво, нема да има компромис.
Нашата заедничка обврска е да создадеме безбедна и позитивна средина за развој на најмладите генерации фудбалери.“ – се вели во соопштението на ФФМ.
Инцидентот го потврдија и од Министерството за внатрешни работи, од каде информираа дека родителот-тепач веќе е приведен.
„Денеска (24.08.2025) во СВР Штип било пријавено дека на игралиштето „Бело Брдо“ во Штип, за време на одигрување на фудбалски натпревар помеѓу младинските екипи на ФК „Брегалница“ од Штип и ФК „Шкупи“ од Скопје, А.А.(43) од Скопје, родител на фудбалер од ФК „Шкупи“, физички нападнал двајца малолетници од Штип, фудбалери на ФК „Брегалница“, и им нанел повреди. Веднаш по нападот, полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода А.А., а малолетниците биле пренесени во Клиничка болница Штип за укажување помош.“ – вела од МВР.
Иако официјалната информација е дека е уапсено едно лице, сепак, од виденото на „Секојдневието во Штип“ може да се види дека многу поголем број на неслужбени лица влегуваат во теренот.