Наследникот на Тоти се врати на теренот по 378 денови

Младиот 22-годишен Николо Ѕаниоло го доби прекарот „Новиот Тоти“ и се очекуваше да блеска, но повредите беа голема кочница за овој талентиран фудбалер. Ѕаниоло паузираше дури 378 денови за конечно синоќа да истрча на теренот во дресот на Рома, и тоа на гостувањето кај Трабзонспор.

Ѕаниоло беше стартер и беше заменет буквално пред последниот свиреж на судијата, со што покажа дека зад него е тешката повреда што ја имаше на коленото. Италијанскиот репрезентативец ги имаше скинато вкрстените лигаменти на коленото, што беше негова втора ваква тешка повреда. Тој истиот проблем го имаше и претходната сезона, кога мораше да го пропушти поголемиот дел од сезоната 2019/20.

И покрај двете долги паузи, Ѕаниоло веќе зад себе има 70 меча во дресот на Рома, во кои постигна 14 гола, а имаше и шест асистенции. Доколку не беше повреден, тој сигурно ќе беше дел од италијанската репрезентација која летово стана европски првак.

Сега е време Ѕаниоло да потврди дека долгата пауза не направила голема штета врз неговата форма и за брзо време да се врати во вистинскиот ритам за да биде еден од главните играчи во составот на Жозе Мурињо.

 

- Оглас -

Најнови вести