Атлетико Мадрид синоќа минимално со 1:0 славеше против Леганес и се зацврсти на второто место во Примера дивисион. „Јорганџиите“ имаат 56 бодови, седум помалку од лидерот Барселона, но дури осум повеќе од третопласираниот Реал Мадрид. Кралскиот клуб вечерва гостува кај Валјадолид, во обид да ја намали негативата.
Иако Атлетико играше против Леганес, навивачите на домашниот тим не заборавија да го „поздрават“ тренерот на Реал Мадрид, Сантијаго Солари. Тие едноставно го „величеа“ Солари за тоа што го направи со Реал во последниве две недели. Реал испадна од Купот на Шпанија, беше елиминиран од Лигата на шампиони, а е со теоретска шанса за трофејот во Примера.
„Солари остани“, стоеше на еден транспарент закачен на трибините на стадионот „Метрополитана“ во Мадрид. Според многумина, токму Солари е најголемиот кривец за овој пад во играта и тоа во најважниот период од сезоната. Има шпекулации дека ако Реал вечерва не ги освои трите бода на гостувањето кај Валјадолид, тоа ќе биде последен меч за Солари како предводник на Реал Мадрид.