Бока јуниорс победи со 1:0 против вечниот ривал Ривер плејт пред своите навивачи, но гостите беа тие кои на крајот се радуваа. Ривер е тимот кој ќе игра во финалето на Копа Либертадорес и тоа благодарение на победата од 2:0 на првиот меч од полуфиналето во елитното јужноамериканско клупско натпреварување.
Токму Ривер е и актуелен континентален првак на Јужна Америка, а противникот во финалето ќе го дознае утре, кога се игра реванш дуелот меѓу бразилските ривали Фламенго и Гремио (1:1 по првиот меч).
Навивачите на Бока јуниорс направија одлична атмосфера на „Ла Бонбонера“, а фештата која беше пред почетокот на мечот, може да ја видите ТУКА. Домаќините имаа поддршка до самиот финиш, но на крајот останаа разочарани. По првиот дел немаше погодоци, а Бока конечно го скрши отпорот на најголемиот ривал во 80 минута. Хуртадо погоди за 1:0, но на Бока и беше потребен уште еден гол за да ја стигне негативата од првиот дуел.
Ривер успеа да се одбрани до крај и со вкупни 2:1 по 180 минути стигна до ново финале во Копа Либертадорес.