Навивачите на Реал негодуваат: Зарем ние треба да го плаќаме доведувањето на Мбапе

Килијан Мбапе дефинитивно е најатрактивниот трансфер во овој преоден рок во светски рамки. Францускиот голгетер по седум години поминати во Пари Сен Жермен, реши да се пресели во Реал Мадрид.

Мбапе веќе го имаше дебито за Кралскиот клуб и тоа на најдобар можен начин. Даде гол во победата над Аталанта, а Реал го освои трофејот во Суперкупот на УЕФА. Навивачите секако дека се среќни поради доаѓањето на една таква суперѕвезда во тимот, но сепак доаѓањето на Мбапе предизвика и нешто што ги налути фановите.

Реал Мадрид во новата сезона реши драстично да ги зголеми цените на билетите за дуелите кои ќе се играат на „Сантијаго Бернабеу“. Во првиот меч на домашен терен Реал ќе игра против Валјадолид, а цените на билетите се движат од 95 до 210 евра.

Интересно е дека Валјадолид летово се врати во елитното друштво, а кога таков тим гостувал на „Сантијаго Бернабеу“, најевтините билети биле 55 евра. Сега најевтиниот билет е 95 евра, што значи дека дури за 40 евра е поскапен тој билет, што наиде на реакции кај фановите на Реал.

„Ова е драстично поскапување. Очигледно дека го плаќаме доаѓањето на Килијан Мбапе. Го продолжив годишниот билет кој е за четвртиот прстен високо над голот“, реагираше еден незадоволен навивач кој од 2018 година има сезонски билет за дуелите на Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“.

Четвртиот прстен од трибините на стадионот ги дава најевтините билети и сега годишниот билет изнесува 650 евра, а минатата сезона тој билет бил 50 евра поевтин. За поскапите делови од трибините годишниот билет сега е 1.650 евра, а лани чинел 150 евра помалку.

- Оглас -

Најнови вести