Милан го победи Наполи со 2:1 во дербито на италијанската Серија А, па Росонерите сега се на врвот на табелата со 12 бода. Како една од главните причини што Милан по подолго време е на врвот на табелата во Серија А, секако е Лука Модриќ. Искусниот 40-годишен Хрват го одигра целиот меч во дербито против Наполи, а иако не даде гол и немаше асистенција, сепак беше еден од најдоброоценетите на теренот.
Едноставно, Модриќ носи сигурност на теренот, а играчите на Милан добиваат дополнителна сигурност кога покрај себе имаат една докажана светска ѕвезда. Додека фановите на Милан се радуваат на моменталните успеси, навивачите на Реал Мадрид уште жалат што Модриќ си замина од Кралскиот клуб.
На една фан-страница за Реал Мадрид, која има над 600.000 следбеници, беше упатена порака до претседателот на мадридскиот гигант, Флорентино Перес, а се однесува околу тоа што летово беше дозволено Модриќ да си замине од „Сантијаго Бернабеу“.
„Драг Флорентино Перес (претседател на Реал, оп. а.): Има еден 40-годишен млад човек по име Лука Модриќ од Хрватска кој одлично се снаоѓа во Милан, изгледа толку комплетен на средниот ред, креативен и со магична техника на надворешната страна на стапалото. Внимателно гледајте го, тој е токму типот на играч од средниот ред што му е потребен на Реал Мадрид, посебен талент, посебна иднина сигурно.“
Модриќ одигра 597 натпревари, постигна 43 гола и имаше 95 асистенции за мадридскиот клуб, кој го купи од Тотенхем за 35 милиони евра. Иако првично се сметаше за неуспех, тој стана еден од најдобрите играчи од средниот ред во историјата на Реал и на фудбалот.
Хрватот освои сè што можеше, а негов индивидуален белег беше освојувањето на Златната топка во 2018 година, наградата за најдобар фудбалер во светот. Модриќ го напушти Реал откако му истече договорот и не му беше понуден нов, иако сакаше да остане и кариерата да ја заврши таму.
Реал Мадрид почна со шест победи по ред во Примера дивисион, но изминатиов викенд загуби убедливо со 5:2 од Атлетико Мадрид. Тоа беше првпат во последните 70 години Реал да прими пет гола од градскиот ривал Атлетико.