НБА ритам – МЗТ за 18 дена можеби ќе игра дури 10 натпревари

Календарот и играњето на три фронта е најголемиот противник на МЗТ Скопје Аеродром во овој период од сезоната, кога почнува разврската во втората АБА лига, а се ближи и Купот на Македонија. Од 27 март до 14 април може да се случи тимот на тренерот Ѓорѓи Кочов да треба да игра дури 10 натпревари, а интересно е што веројатно во клубот не би се жалеле ако тоа се случи бидејќи би значело битка за два важни трофеи.

Маратонот за „штрковите“ почнува задутре, на домашен терен против Пелистер во 21-вото коло од Првата лига. Два или три дена подоцна, МЗТ ќе гостува во Кавадарци кај Фени индустри, во последната рунда од првата фаза од домашниот шампионат. Ова се две средби во кои МЗТ може и да калкулира со силите и шанса да добијат резервистите и помладите.

Потоа на 1 и 2 април, МЗТ двапати игра со Приморска во Копер, во првите два меча од финалето на АБА 2 лигата. Трети април им е слободен ден, а веќе наредниот ден, на 4 април, се игра третата средба, во „Јане Сандански“ од 18 часот. Ако има потреба, на 5 април повторно во Скопје, од 20 часот, ќе се игра четвртиот дуел. Доколку биде 2-2, мајсторката во Копер е закажана за понеделник, 8 април.

Ако во финалето од втората АБА се играат пет меча, МЗТ ќе има малку време да се одмори и да се подготви за завршницата од Купот во Гевгелија. Купот стартува на 12 април, а прв ривал на МЗТ му е домашниот Кожув, додека утредента може да налета на Работнички.

Како и да е, пред МЗТ е НБА-ритам на одигрување мечеви и потребна ќе биде одлична физичка подготовка за да се издржи пеколниот ритам.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести