Група предводена од американскиот бизнисмен Вилијам Чисхолм се согласи да го купи култниот кошаркарски клуб Бостон селтикс за рекордни 6,1 милијарди долари, рекордна сума платена за спортски клуб во Северна Америка.
Досега рекордот беше 6 милијарди долари, колку што беа платени за НФЛ-тимот Вашингтон командирс во 2023 година, а НБА-рекордот беше 4 милијарди долари, за колку што беше продаден Феникс санс во 2022.
Според „Форбс“, Селтикси се четврт највреден тим во НБА, а најскап е Голден стејт вориорс, кој е проценет на околу 8,8 милијарди долари.
Чисхолм е коосновач и управен партнер на калифорниската приватна компанија Symphony Technology Group, тој е од областа Бостон и голем навивач на Селтикс, клуб кој лани го освои рекордниот 18-ти шампионски прстен во НБА.
„Растејќи на северниот источен брег и посетувајќи колеџ во Нова Англија, цел живот сум тврд навивач на Селтикс. Разбирам колку се важни Селтикси за градот Бостон, улогата што ја игра тимот во заедницата е различна од кој било друг град во земјата. Разбирам дека постои одговорност како водач на организацијата кон луѓето од Бостон и јас сум подготвен за овој предизвик“, рече новиот газда на Селтикс, кој од сезоната 2027/2028 целосно ќе го преземе клубот со носење на сите одлуки во врска со кошаркарските операции.
Досегашниот сопственик Вајк Грусбек и неговата група ги купија Селтикс за 360 милиони долари во 2002 година.