Сте слушнале за Курасао, мала островска земја во Карипското Море северно од Венецуела? Ете тој Курасао ќе игра на Светско првенство во фудбал.
Испишана е историја, Курасао, кој има малку повеќе од 150.000 жители и 444 километри квадратни, е најмалата држава што некогаш ќе заигра за СП.
Пласманот го обезбедија играјќи 0-0 на гости против фаворитот Јамајка. Ако победеше Јамајка, Курасао ќе останеше без СП, но машки се бореа и останаа непоразени. Јамајка ја погодуваше стативата, беше досуден и пенал за нив, кој потоа беше поништен по прегледување на снимка.
Селектор на Курасао, кој е поранешна холандска колонија, е Дик Адвокат, холандски стручњак кој во минатото ги водеше Холандија, Јужна Кореја, Белгија и Русија.
Освен Курасао, на СП ќе игра и Хаити, кој по повеќе од 50 години се враќа на Мундијалите.

