Српскиот бек Василије Мициќ и бугарскиот крилен центар Александар Везенков летово како големи евролигашки ѕвезди и едни од најдобрите кошаркари на Стариот Континент заминаа во НБА-лигата, а таму речиси и да ги нема.
Има и обратни примери, играчи кои не блескале во Европа, а имаат одлични бројки во НБА, но овие што не успеале во НБА се почести.
Мициќ е член на Оклахома Сити тандер, но од 10-те меча на Громовите, тој влезе во игра само на три, а и тогаш имаше скромна минутажа и придонес на теренот. На последните четири меча, Мициќ воопшто не влезе во игра.
На популарниот Васа, просекот во НБА му е 3,3 поени за 10 минути по меч. Ова се многу помали бројки од тие што ги очекуваше тој пред да замине во најсилната лига на светот. Мициќ призна дека уште се привикнува на играта во НБА.
Слична судбина има и Бугаринот Везенков, кој е член на Сакраменто кингс и сезонава исто така е дебитант во НБА. Везенков настапи на осум од деветте меча на Кралевите од Калифорнија и просекот му е 6,3 поени за 14 минути по меч, скромни бројки за некој што во минатата сезона беше најкорисен во Евролигата.