На плоштадот пред градското собрание во престолнината Копенхаген данската ракометна репрезентација со своите фанови ја прослави четвртата светска титула по ред.
Прославата не беше бурна како во Загреб, каде што Хрватите за освоеното второ место беа еуфорични и се палеше пиротехника.
Штом Данците излегоа од автобусот пред насобраната толпа, следуваа аплаузи и овации. Пред скалите беше поставена импровизирана бина и на неа се качуваа сите, еден по еден.
Секој од играчите го зеде трофејот и го креваше во воздух четири пати. Имаше по некој извик „Данска, Данска“. Најголемото шоу го направи селекторот Николај Јакобсен, кој побара да бидат погласни, што го направија на негова желба.
Потоа ракометарите излегоа на терасата, која е мала, па излегуваа во групи од четворица-петмина и повторно го креваа пехарот и славеа со публиката. Најсилни овации имаше за првиот стрелец Матијас Гидел, следуваше пеење на данската химна и тука некаде беше крајот на прославата, која мина без хаос, туку како по протокол.