Не играат на терен, ама се добар лакмус – И парите велат Македонија ќе го победи Косово

Според составите што ги објавија двајцата селектори, Игор Ангеловски на Македонија и Бернард Шаланде на Косово, нашата репрезентација е фаворит и според уште еден параметар пред историскиот меч утре во Скопје во полуфиналето од Сегментот Д во Лигата на нациите.

Македонската репрезентација, според проценките на „Трансфермаркет“, вреди 42 милиони евра вкупно, наспроти косовската репрезентација, која е проценета на вкупна вредност од 30 милиони евра.

Иако ќе играме без фудбалскиот бисер Елиф Елмас, играч со највисок трансфер во историјата на нашиот фудбал, според парите и вредноста на играчите објавена на „Трансфермаркет“, Македонија е фаворит за победа утре од 20.45 часот во Скопје.

Без Елмас ни фалат 18 милиони евра, колку што според реномираниот сајт за трансфери моментно вреди играчот на Наполи, но уште повеќе ќе ни недостасува неговото присуство на теренот. За жал, Елиф нема да игра на 8 октомври поради позитивен тест на ковид-19.

Според проценките на „Трансфермаркет“, во моментов најскап наш репрезентативец е Енис Барди со проценета вредност од 20 милиони евра, или само 10 помалку од целата репрезентација на Косово.

Зад него е Аријан Адеми со проценета вредност од 5,5 милиони евра, а потоа се Стефан Ристовски и Езџан Алиоски со по 3,5 милиони евра. Илија Несторовски тежи 2,8 милиони евра, а над еден милион, според „Трансфермаркет“, проценет е и Александар Трајковски (1,2 милиони евра).

Кај Косово на 8 октомври од 20.45 часот на националната арена „Тодор Проески“ ќе недостасуваат најскапите ѕвезди. Ведат Муриќи нема да игра, а пред некој ден направи трансфер тежок околу 17 милиони евра со преселба од Фенербахче во Лацио.

И капитенот Амир Рахмани од Наполи нема да игра, а тој е вториот најскап репрезентативец на Косово со вредност од 14 милиони евра. Во трилингот најскапи репрезентативци на гостите е и Милот Рашица со проценка дека може да направи трансфер од околу 7 милиони евра, па очигледно е колкав е хендикепот на Косово и шансата на Македонија за победа и настап во финалето во Сегментот Д, на патот кон Европското првенство следната година.

Од фудбалерите што Шаланде ги има на располагање за мечот на 8 октомври, капитенот Валон Бериша, Мергим Војвода, Берсант Селина и Арбер Зенели се квартетот најскапи, сите поединечно проценети на вредност од 4 милиони евра.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести