Фудбалерите кои до пред некое време беа незаменливи стартери, а сега поради слабата форма се резерви, внесуваат раздор во Реал Мадрид, кој тренерот Сантијаго Солари со крајни сили се обидува да го неутрализира.
Солари процени дека младите Винисиус и Серхио Регилон треба да добијат предност пред искусните Герет Бејл, односно Марсело, а плејмејкерот Иско го направи непотребен во формацијата 4-4-3, но овие потези внесуваат немир и поделеност во соблекувалната.
Најнезадоволен од статусот е најскапиот, Бејл. Велшанецот синоќа против Леванте најпрвин не сакаше да се загрева, а потоа откако даде гол од пенал, воопшто не славеше и не ја прифати прегратката од Лукас Васкес. Овој потег на Бејл предизвика бура во шпанските медиуми кои порачаа дека однесувањето му е неприфатливо. При заминувањето од стадионот, Бејл беше снимен како гледа голф на телефонот, незаинтересиран за тоа што се случува околу него. Некои соиграчи го критикуваа дека не се дружи со останатите и дека не зборува шпански.
Солари рече дека секој играч има право да се радува како што сака и не ја исклучи можноста Бејл да биде стартер на едно од двете Ел класика кои се играат за неколку дена.
Синоќа се налути и Тони Крос, кој иако беше еден од најслабите на теренот, зачудено гледаше кога виде дека треба да излезе од игра и да му отстапи место на Федерико Валверде. Германецот не се жали јавно, но ако игра слабо, и тој нема да има загарантирано место во почетниот состав, па можеби и кај него ќе се појави незадоволство.
https://www.youtube.com/watch?v=L6LoKK3dwUU