Не помогна ни рекордната посета – Ѓоковиќ и Федерер го „прегазија“ Силверстон, Британското Гранд-при ќе бара нов термин

Епското финале меѓу Новак Ѓоковиќ и Роџер Федерер на Вимблдон го фрли во втор план големото шоу на Ф1 на патеката во Силверстон, па сега организаторите на трката за Големата награда на Велика Британија бараат излез и веројатно и нов термин за следната година.

Покрај финалето на Вимблдон за 2020 година, голема конкуренција за трката во Силверстон ќе биде и финалето на фудбалското ЕП, кое е предвидено за истиот датум, на 12 јули на „Вембли“ во Лондон.

Завчерашната трка на „Силверстон“ не мина лошо во поглед на посетата, имаше 141 илјада гледачи, што е рекорд, но фокусот на спортските вљубеници и на медиумите сепак беше насочен кон „Ол Ингланд клубот“, каде што Ѓоковиќ и Федерер одиграа многу добро финале, едно од најдобрите во историјата на гренд слем турнирите.

„Ние секако сакаме да избегнеме трката да се одржува во ист термин со финалето на Вимблдон, но да се најде нов термин за Големата награда на Велика Британија нема да биде лесно. Формула 1 си има распоред и ќе имаме проблеми да се најде нов термин“, вели Стјуарт Прингл, еден од менаџерите на Ф1 трката на „Силверстон“.

Се размислува за поместување од една недела и можно е следната сезона во Силверстон пилотите на Ф1 да бијат битка за првото место на 19 јули.

 

- Оглас -

Најнови вести