Нејмар влегува во сè подобра форма, а најнов доказ за тоа е одличниот натпревар што бразилската ѕвезда го одигра изминатата ноќ. Со два негови гола, Сантос победи со 3-1 против Жувентуде во рамки на 18-то коло од шампионатот и се оддалечи од зоната за испаѓање.
Нејмар остана на теренот до крајот на натпреварот петти пат по ред, нешто што не му се случило од август 2022 година. Во истиот период, 33-годишниот напаѓач последен пат постигнал два гола на еден натпревар.
Жувентуде пристигна на „Вила Белмиро“ по четири последователни порази, но не заостануваше во играта зад домаќините. Екипата на Клаудио Тенкати упати дури 20 удари кон голот на Габриел Бразао, од кои 10 беа во рамките на голот. Гостите можеа да поведат уште на стартот, а во 21-та минута погодокот на Енио беше поништен поради офсајд.
Во 37-та минута, Нејмар се најде на вистинското место по одбиена топка од голманот на Жувентуде, Руан Карнеиро, и одблиску го отвори резултатот. Само три минути подоцна, Алваро Бареал ја искористи грешката во одбраната на Жувентуде за 2-0. Сепак, гостите ја вратија неизвесноста уште пред паузата со голот на венецуелскиот дефанзивец Вилкер Анхел.
Во второто полувреме, Габриел Бразао правеше вистински чуда на голот за да го сочува водството на Сантос. Во 80-та минута, Нејмар реализира пенал и ја запечати победата на домаќините со својот трет гол оваа сезона.
На табелата, Сантос сега е на 15-то место со 18 бода, додека Жувентуде останува претпоследен, на 19-та позиција со само 11 поени. Лидери во првенството се Фламенго и Крузеирo со по 37 поени.