Нејмар го раскинува огромниот договор со Ал-Хилал и се враќа во Сантос

Бразилската фудбалска ѕвезда Нејмар (32) се враќа во својот матичен клуб – Сантос. Според познатиот бразилски новинар Цезар Луис Мерло, трансферот е финализиран, а Нејмар ќе го раскине огромниот договор со саудискиот Ал-Хилал на крајот од годината. Во моментов, тој се опоравува од сериозна повреда на коленото што го мачи подолг период.

Нејмар потпиша договор со Ал-Хилал во август 2023 година, кој му носи околу 100 милиони евра годишно и е со важност до 2025 година. Во Сантос нема да добие ниту приближно толкава плата, но ќе има можност повторно да игра за клубот каде што ја започна својата кариера.


Нејмар за Сантос одигра 177 натпревари и постигна 107 голови, дебитирајќи таму како професионалец.

Како симбол на бразилскиот фудбалски стил со атрактивни дриблинзи и спектакуларни потези, Нејмар беше посакуван од многу големи клубови. Барселона го ангажираше во 2013 година за 88 милиони евра, со која ја освои Лигата на шампионите.

Во 2017 година, тој прејде во ПСЖ во најголемиот трансфер во историјата на фудбалот, вреден 222 милиони евра.

Во ПСЖ петпати ја освои француската лига, но не успеа да ја освои Лигата на шампионите, иако стигна до финалето во 2020 година. Замина од Барселона за да не биде во сенка на Лионел Меси, но повторно се обедини со него во 2021 година.

Дури и со Меси и Мбапе во истиот тим, не успеа да стигне до европската титула. За репрезентацијата на Бразил има одиграно 128 натпревари и постигнато 79 голови.

За Ал-Хилал одигра само седум натпревари и постигна еден гол во текот на годината и три месеци поминати во Саудиска Арабија.

- Оглас -

Најнови вести