Бразилската фудбалска ѕвезда Нејмар го доживеа најголемиот пораз во кариерата откако со неговиот Сантос пред своите навивачи загуби со 0:6 од Васко де Гама, во меч од домашното првенство. Неверојатно беше дека Сантос прими шест гола на домашен терен, посебно затоа што Васко де Гама е тим кој се бори за опстанок.
По мечот, Нејмар не можеше да ги задржи солзите и плачеше како мало дете. Сепак, Нејмар беше свесен дека ова е историски лош резултат, па затоа воопшто не им беше лут на навивачите, кои беа гневни по завршувањето на овој срамен меч за Сантос.
„Се чувствувам уништено по овој пораз од 0:6. Бевме за срамота на теренот. Навивачите имаат целосно право да врескаат, да колнат, да нè мразат вечерва – затоа што не им дадовме ништо. Се чувствувам засрамено. Во целата моја кариера, никогаш не сум доживеал вакво понижување. Навивачите имаат право и да пцујат и да навредуваат затоа што ова на теренот беше неприфатливо“, рече Нејмар.