Нејмар поскап од цела Аталанта, Париз и Бергамо не се споредуваат, ама вечер Божицата не е за отпишување

Атрактивен почеток на четвртфиналното лудило во Лигата на шампионите. Вечерва во Лисабон силите ќе си ги одмерат Аталанта и Пари Сен Жермен, два клуба кои никогаш не биле европски прваци, но нивниот дуел се очекува со нетрпение поради сето она што го направија сезонава. Заштитен знак на двата клуба се головите и ефикасноста.

Според квотите во Sport Life, парижаните се фаворити на хартија, но смее ли некој да ја отпише Аталанта која сезонава даде 98 голови во Серија А и постигна четири гола на гостување кај Валенсија и исто толку дома за да дојде до овој меч вечерва.

Денеска е посебен ден и за ПСЖ, кој слави 50-годишнина од своето постоење и не би сакале Аталанта да им го расипе јубилејниот роденден. Светците предводени од Нејмар и Килијан Мбапе во нападот веруваат дека сега им е шансата за прво финале и прва титула. Така газдите од Катар би ги оправдале стотиците милиони евра кои ги вложија во тимот.

Битката за најпосакуваниот трофеј во клупскиот фудбал ќе се одвива во Лисабон без публика, а вечерва целиот фокус е на дуелот на Божицата и Светците. Двата клуба се надеваат дека Господ ќе им помогне.

Аталанта е во предност поради тоа што летово одигра повеќе мечеви, додека ПСЖ не е во топ натпреварувачка форма бидејќи француската лига не се играше, па единствените мечеви на ПСЖ беа финалињата во двата купа. Но, сите други показатели се на страната на ПСЖ.

Бразилецот Нејмар сам има поголема плата (36 милиони евра годишно) од целата екипа на Аталанта заедно. Ако тука се додадат и 16-те милиони на Мбапе, јасно е кој е кој. Кај Аталанта најдобро се платени Запата и Муриел со по 1,2 милиони евра.

Париз е еден од најголемите и најгламурозни градови во Европа, а контра тимот од Градот на Светлината е тимот од Бергамо, кој има само 120.000 жители и познат е по аеродромот на кој слетувате ако патувате кон Милано со нискобуџетски авионски компании. Цела Италија и речиси сите неутрални ќе бидат за Аталанта, но ПСЖ ако го искористи потенцијалот, не би смеел да го испушти полуфиналето.

- Оглас -

Најнови вести