Весникот „Елмундо депортиво“, кој е близок до Барселона, на насловната страница објави дека е можно враќање на Нејмар во Барса.
Пред две години, Нејмар за рекордер трансфер од 222 милиони евра, од Барселона премина во Пари Сен Жермен, но таму не е многу среќен. Не е задоволен што игра во слаба лига и поради тоа нема шанса да биде фудбалер на годината. Покрај тоа, веќе е во сенка на Килијан Мбапе и клубот ја форсира својата француска ѕвезда, а не е миленик ниту на француските медиуми.
За него голем интерес има од претседателот на Реал Мадрид, но желбата на Бразилецот е да се врати во Каталонија. Но, Нејмар ги лути во Мадрид кога објавува слики од прослави со своите ексколеги од Барса, со кои е во одлични односи.
Според „Елмундо“, Нејмар преку Меси и Суарес испраќал пораки до раководството на клубот дека е подготвен да се врати и да признае дека погрешил, а би прифатил и помала плата од сегашната. Пречка е тренерот Валверде, кој има доверба во Дембеле и мисли дека Нејмар не би помогнал многу повеќе. Сепак, ако Валверде биде избркан, се отвора вратата за можно враќање на „пишман аџијата“ Нејмар.