Французите ја суспендираа сезоната 2019/20 и за старо-нов шампион се прогласи Пари Сен Жермен во Лига 1. Сепак, Светците уште во претстојното лето, односно пред стартот на новата сезона ги очекува обврски во Лигата на шампионите, доколку остане планот на УЕФА меѓународните натпреварувања да се довршат во август.
Францускиот шампион обезбеди пласман во четвртфиналето елиминирајќи го тимот на Борусија Дортмунд во двомечот со вкупен резултат од 3-2, а во победата од 2-0 во реваншот Нејмар беше еден од стрелците и придонесе за неговата екипа да ги задржи шансите за освојување на европскиот пехар.
Токму затоа Нејмар тренира со повисок интензитет од обично со цел да биде подготвен за предизвиците кои го очекуваат.
„Целта е во најдобра можна форма да го дочекам сигналот за враќање на терените, без разлика кога ќе се случи тоа. Тренирам напорно и со иста жештина како на клупските тренинзи, всушност вложувам поголеми напори од обично за да го надополнам недостатокот од натпревари“, истакна Нејмар, кој се наоѓа во родниот Бразил откако сезоната во Лига 1 се прекина поради пандемијата со корона-вирусот.