Луис Енрике со успех го предводи ПСЖ и успеа да дојде до првиот трофеј од Лигата на шампионите во историјата на клубот, а играше и во финалето на Светското клупско првенство. Во Франција се неприкосновени и ги освоија сите можни трофеи.
Но, каталонски „Спорт“ тврди дека некои љубови се вечни, како што е онаа на Луис Енрике и Барселона, па сонот на Шпанецот е еден ден повторно да седне на клупата на каталонскиот гигант.
Иако не е Каталонец и потекнува од регионот Астурија, а во Барселона пристигна во 1996 година од најголемиот ривал, Реал Мадрид, сепак, Луис Енрике е вистинска легенда во Каталонија и ужива голема почит од навивачите.
Осум години беше фудбалер на Барселона и на „Камп Ноу“ ја заврши играчката кариера, а таму ја започна и тренерската, во втората екипа на „каталонците“. Од 2014 до 2017 беше тренер и на првата екипа на Барселона.
И како фудбалер и како тренер на „каталонците“ освои се што можеше да се освои, а на први октомври ќе има можност да се судри и со својата поранешна екипа во Лигата на шампионите.