Популарното Ел Класико, односно дербито меѓу Барселона и Реал Мадрид е одложено поради немирите во Каталонија, а требаше да се одигра на 26 октомври на „Камп ноу“.
Засега нема утврдено нов термин за еден од најголемите и најважни мечеви на планетата, а шпанските медиуми објавија дека договор за нов датум на одигрување на мечот ќе треба да има до 21 октомври, односно до понеделник.
Раководстовото на шпанската Ла Лига ваква одлука донесе поради политичката ситуација во Каталонија, која е комплицирана, а има дури и инциденти.
Најверојатно ќе се игра на 18 декември, иако челниците на Лигата инсистираат првото Ел Клaсико сезонава да се игра на 7 декември.
Со тој термин не се согласија ниту Барселона, ниту Реал Мадрид, па се очекува мечот да биде одигран на 18 декември. Има интересна понуда од Аргентина, мечот да се игра во Буенос Аирес, што на некој начин би бил спортски реванш за гостувањето на Ривер плејт и Бока јуниорс во Мадрид, кога на „Сантијаго Бернабеу“ се играше реваншот од финалето во Копа Либертадорес.