Луда идеја: Ел Класико да се игра на 10.000 километри од „Камп ноу“

Лошата политичка и безбедносна состојба во Барселона е причина за долгоочекуваното Ел Класико да не се игра на „Камп ноу“ во предвидениот термин на 26 октомври. Во Барселона веќе неколку дена има жестоки демонстрации и нереди по улиците, а тоа беше главна причина за да се прогласи дека Ел Класико е меч од висок ризик.

Постоеја неколку опции, а една од нив беше Реал Мадрид да биде домаќин на овој меч, а возвратниот меч кој треба да се игра во март 2020 година да биде на „Камп ноу“. Од Барселона ја одбија оваа понуда. Наредната опција е да се одложи мечот и да се игра во декември, кога двата клуба ќе имаат слободен термин.

Најновата опција е мечот да се игра во предвидениот термин на 26 октомври, но да биде далеку од Барселона. Аргентинските медиуми пишуваат дека Буенос Аирес се понудил да биде град домаќин на Ел Класико. Тоа би било еден вид возвраќање на услугата за Суперкласикото во финалето на Купот Либертадорес, кога играа Бока јуниорс и Ривер плејт во Шпанија, на „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид.

Сепак, овојпат тешко веројатно е дека Барселона ќе прифати да игра надвор од својот стадион како домаќин, па тоа да биде дури на 10.000 километри одалеченост од „Камп ноу“.

- Оглас -

Најнови вести