Отсуството на Хари Кејн беше доволна мака за Тотенхем, а сега Маурисио Покетино ќе треба да крпи и во средниот ред. Во следните триесетина дена нема да смета на Муса Сисоко, кој, како и Англичанецот, се повреди во дуелот против Манчестер јунајтед во неделата. Францускиот играч за врска има проблеми со бутниот мускул и тој е следниот од низата повредени фудбалери од средниот ред на „петлите“.
Сисоко ќе биде во трка со времето да закрепне пред првиот дуел против Борусија Дортмунд во осминафиналето од ЛШ кој се игра на 13-ти февруари, но ќе го пропушти реваншот против Челзи во полуфиналето на Лига купот, како и три дуели во Премиер лигата.
Подолго време Покетино не смета на Ерик Даер, додека Виктор Ванјама и натаму се обидува да ја поврати физичката подготвеност, па Сисоко искористи да игра што повеќе во нивно отсуство, но сега и тој е надвор од редовите. Белгиецот Дембеле е пред преселба во Кина, па аргентинскиот стратег остана само со еден здрав играч за врска, Хери Винкс, а принудно го користи и 18-годишниот Оливер Скип, кој од неодамна дебитираше за првиот тим.
„Петлите“ во недела гостуваат кај Фулам во 17 часот, во мечот од рамките на 23-тото коло во Премиер лигата.