Вирџил Ван Дајк веројатно ќе има причина за двојно славје во финишот на најдолгата сезона во последните 100 години, а со титулата во Премиерлигата, која е на прагот, ќе му се радува и на рекордниот договор во клупската историја на Црвените од „Енфилд роуд“.
Ливерпул според британските медиуми веќе подготви нов петгодишен договор за Холанѓанецот, според кој еден од најдобрите стопери на светот ќе заработува околу 250 илјади евра неделно.
Тоа ќе биде апсолутен рекорд во богатата историја на 18-кратниот англиски шампион. Актуелниот договор на Ван Дајк со Ливерпул завршува со сезоната 2022-23, но веќе е подготвен и нов аранжман за 28-годишниот играч.
Моментно Мохамед Салах е на првото место со заработка од околу 220 илјади евра неделно, пред Роберто Фирмино со 200 илјади евра секоја седмица.
Ливерпул се подготвува за рестарт на сезоната во Премиерлигата и ја очекува првата титула по пауза од 30 години и сефте шампионска круна, откако англичаните ја играат Премиерлигата. Кам-бекот на лидерот на табелата, кој има 25 бода предност пред Манчестер сити ќе биде со градското дерби против Евертон на 21. јуни од 20 часот.
До крајот на првенството што беше прекинато во март поради пандемијата со Ковид-19 остануваат уште девет кола.