Брајтон ќе има нов менаџер на клупата од идната сезона откако на Крис Хатон му беше врачен отказ по поразот од Манчестер сити со 1:4.
Фудбалот понекогаш знае да биде и чуден и безмилосен, а тоа најдобро на своја кожа го почуствува менаџeрот на Брајтон.
Хатон е омилен кај навивачите на клубо што го презеде како тренер во 2014 година. И тоа во ситуација што се закануваше да го одведе Брајтон во третата по квалитет лига во Англија.
Само три години подоцна, Хатон успеа со своите избраници да обезбеди настап во Премиер лигата, и тоа по долг пост за Брајтон од 34 години.
Сезоната што заврши вчера не беше премногу успешна за Брајтон и за Хатон, иако беше изборен опстанок, а само трите победи на последните 23 меча беа клучни за отказот на миленикот на навивачите на Брајтон.
„Ова беше најтешката одлука во мојот живот. Крис е еден од најдобрите менаџери во историјата на клубот, но имавме лош втор дел на сезоната во Премиер лигата и мораше да преземеме нешто. Му посакувам среќа и многу успех на Хатон во иднина“, изјави Тони Блум, првиот човек на клубот од југоистокот на Англија.