Ромелу Лукаку се покажа како полн погодок за Интер при трансферот од Манчестер јунајтед. Оваа сезона во 35 настапи за тимот на Антонио Конте забележа 23 погодоци и пет асистенции, и се очекува да биде лидер на Нероаѕурите и во иднина.
Тој конечно најде клуб и тренер во кој може да ужива доверба, а не беше таков случајот додека беше член на Црвените ѓаволи, односно пред тоа Челзи. Белгискиот репрезентативец играше за четири англиски екипи, како позајмен играч во ВБА од редовите на Челзи, па Евертон пред трансферот на „Олд трафорд“, потег кој се покажа како промашување.
На прашањето дали некогаш би се вратил во Премиер лигата, Лукаку одговори:
„Шансите се минимални, да не речам никакви, иако уживав додека играв за Евертон. Кога ќе дојде време можеби ќе ја одберам МЛС лигата, а би сакал еден ден да се вратам во Андерлехт“, истакна Лукаку.
За Челзи, Јунајтед, Евертон и ВБА, Лукаку запиша 252 премиерлигашки настапи во кои реализира 113 погодоци.